Во согласност со член 10 од Законот за нотаријатот, за нотар може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
(1) За нотар може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
а) да е државјанин на Република Македонија;
б) да е деловно способно и да има општа здравствена способност, што се докажува со уверение издадено од надлежна здравствена установа од областа на медицината на трудот;
в) да е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии или дипломиран правник кој според Болоњската декларација има 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома за завршени правни студии во странство во траење од четири години или според Болоњската декларација има 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);
г) да има положено правосуден испит;
д) да има положено нотарски испит;
ѓ) да има најмалку три години работен стаж на правни работи по положен правосуден испит или две години работен стаж во нотарска канцеларија по положен правосуден испит;
е) да не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци или да не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност;
ж) да даде изјава заверена од нотар дека ќе обезбеди соодветна опрема и простории за вршење на нотарската служба;
з) да даде изјава пред нотар дека не е презадолжено, со сите последици од давање на лажен исказ;
ѕ) активно да го владее македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
и) е избришана.
ј) да не му престанала функцијата судија, односно не му престанал работниот однос како државен службеник, помошник нотар, заменик нотар, адвокат или извршител со правосилна одлука во дисциплинска постапка додека не поминат три години од денот на правосилноста на одлуката.
(2) Кандидатот за нотар доставува пријава со прилози со кои се докажува дека се исполнети условите за именување на нотар утврдени во ставот (1) точки б), в), д), ѓ), ж), з), ѕ) и ј) на овој член. Преостанатите документи за исполнување на условите за именување на нотар утврдени во став (1) точки а), г), д) - во делот на нотарскиот испит и е) на овој член, Министерството ги прибавува електронски по службена должност од имателите на соодветните информации, за што од кандидатот наплатува надоместок во висина на реалниот трошок.