Претседателот на Нотарската комора на Република Северна Македонија, нотар Цеца Малева Стоев, оствари средба со г. Кевин Мас, претставник на Амбасадата на Сојузна Република Германија, во просториите на Амбасадата на ден 3.11.2026г.
На средбата се разговараше за улогата и значењето на нотаријатот во правосудниот систем, како и за можностите за продлабочување на соработката и обезбедување поддршка во унапредувањето и развојот на нотаријатот во Република Северна Македонија.
Посебен акцент беше ставен на реформските процеси, унапредувањето на законската рамка и јакнењето на нотарската служба, во согласност со принципите на латинскиот нотаријат и европските стандарди. Во тој контекст беше посочено значењето на германските искуства и експертската поддршка за натамошниот развој на нотаријатот и зајакнувањето на правната сигурност на граѓаните.
Во разговорот беше истакната досегашната соработка со Федералната нотарска комора на Германија – Bundesnotarkammer, заснована врз Договорот за меѓународна соработка потпишан во 2019 година во Берлин, како и со Германската фондација за меѓународна правна соработка – ИРЗ. Беа разгледани можностите за продолжување и продлабочување на оваа соработка преку размена на искуства, стручна помош и заеднички активности.
Од страна на Комората беше изразен интерес за натамошна институционална соработка и поддршка од Амбасадата во поврзувањето со германските партнери, со цел унапредување на нотарската практика и континуиран развој на нотаријатот.

