На ден 28 jануари 2020 година, во Берлин, Сојузна Република Германија, под покровителство на Господинот Оттмар вон Холтз (Mr. Ottmar von Holtz), член на Бундестагот, Германската Федерална Нотарска комора и Светската банка, беше организирана Конференција на тема ,,Доверлива трета страна - начини за поголема правна сигурност и ефикасност во земјите во развој'', на која зедоа учество Претседателот на НКРСМ, г. Васил Кузманоски, Потпретседателот на НКРСМ, г. Наџи Зеќири и нотар м-р Ненад Трипуноски, член на Комисијата за европски прашања - (CАЕ) при УИНЛ.
Овој настан беше организиран во тесна соработка со германското Федерално министерство за економска соработка и развој и со германското Федерално министерство за економски прашања и енергија.
Главната цел за организирање на овој настан беше да се дадат одговори на неколку важни прашања во врска со државите од Западен Балкан, кои прашања се поврзани со зголемувањето на правната сигурност во овие земји во развој, зголемување на правната заштита, поголем екеномски развој, зголемување на странските инвестиции, намалување на корупцијата, намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста на институциите во државите од Западен Балкан, и сето тоа низ призма на работењето на нотарите и подобрувањето на нивните перформанси.
Овој настан беше отворен со поздравен говор на Господинот Оттмар вон Холтз (Mr. Ottmar von Holtz), член на Бундестагот, кој го потенцираше значењето на правната сигурност, која е подеднакво важна за земјите во развој, но и за развиените земји, важноста на принципот на владеење на правото, кој е основа за развој на едно друштво и фактот дека за да има владеење на правото потребно е целото општество (друштво) да учествува и да даде свој придонес кон постигнувањето на оваа цел.
Потоа се обрати проф. Др.Јенс Борманн (Prof. Dr. Jens Bormann) кој е претседател на Германската Федерална Нотарска комора, кој истакна дека од големо значење за Европската Унија е да се ,,отворат'', односно да се развиваат државите од Западен Балкан и да се развиваат нотаријатите во овие држави, се со цел да се излезе надвор од границите, да се има повеќе простор и на тој начин да се обезбедат индивидуалните (личните) права, но не заборави и ја истакна и важноста и улогата која ја има нотаријатот како една од главните институции за заштита на правната сигурност.
Следен говорник беше претставникот од Светската банка д-р.Ралф Реттер (Dr. Ralf Retter), шеф на канцеларијата на Светската Банка за Германија, Австрија и Швајцарија, кој имаше свое излагање на тема,, Меѓународните активности на Светската Банка'', во кое се осврна на развојната политика на Светската Банка. Како стратешки приоритети на Светската Банка за регионот на Западен Балкан ги наведе: развојот на демократијата, подржувањето на ЕУ аспирациите на државите од Западен Балкан, продолжување на давање на заеми на балканските држави, давање на организациска помош, како и зголемување на растот и развојот во балканските држави, преку реализирање на конкретни проекти. Напомена дека фокусот на Светската Банка е да се намалат трошоците за транспорт, да се воспостави и унапреди владеењето на правото и да се намали корупцијата. На крајот потенцираше дека Светската Банка е доверлив партнер, кој е отворен за соработка и го подржува членството на балканските држави во Европската Унија.
На Конференцијата со свое експозе на тема ,,Превентивно спроведување на правдата од страна на нотарите во Западно балканските држави'', се јави германскиот нотар д-р.Ловро Томашиќ (Dr. Lovro Tomasic), кој во Германската Федерални Нотарска комора е задолжен за регионот на Западен Балкан и за соработка со нотаријатите од државите, кои припаѓаат на земјите од Западниот Балкан. Во своето обраќање наведе дека сите нотаријати во државите од Западен Балкан се основани на принципите на Латинскиот нотаријат. Исто така напомена дека нотаријатот во овие држави е воведен со цел да се заштити приватната сопственост и диспозицијата на странките, слободно да може да се користи сопственоста, да се заштитат потрошувачите, како и да се намалат, односно да се избегнат судските постапки.
Како главни функции на нотарот ги наведе следните: проверка дали соодветната правна работа е исправна и законска (контролна функција), советодавната функција, при која нотарот е должен да ги советува и да ги предупреди странките за последиците од соодветната правна работа, при тоа наведувајќи дека и покрај тоа што нотарот е потребно брзо и ефикасно да ја врши својата работа, сепак понекогаш нотарот е потребно малку и да ја успори постапката, се со цел да ги заштити сите странки во постапката (заштитна функција). Нотарот е должен да превзема соодветни мерки и против перењето на пари, а воедно и да ги заштити ранливите категории на лица и жените, преку обезбедување на фер постапки. Во врска со аспирациите на државите од Западен Балкан за влез во Европската Унија, наведе дека овие држави и нивните граѓани се спремни за влез во ЕУ, дека прописите на државите од Западен Балкан се усогласени со европските прописи, дека 23-то поглавје во преговорите за влез во ЕУ е многу важно и дека нотаријатот е најважен за затворање на ова поглавје, од причини што нотарите се претставници на правните институции и истите се чувари на печатот, односно чувари на правната сигурност. Од овие причини на нотарите им се пренесуваат судски надлежности, кои се неспорни работи, се со цел судовите да се растеретат, а воедно да се гарантира уште поголема правна сигурност и заштита. За развојот и зголемувањето на правната сигурност многу важна е и дигитализацијата и развојот на технологијата, кои се повеќе се користат во наторијатот. На крајот нотар д-р.Ловро Томашиќ (Dr. Lovro Tomasic) потенцираше дека судбината на Европа се одлучува на Балканот, па поради тоа е потребно блиска соработка на сите полиња со балканските држави и со нивните нотаријати.
Последен на Конференцијата настапи Давид Пиегазки (David Piegazki), од Асоцијацијата на германските комори за индустрија и трговија, на тема ,,Индустриски и трговски комори во државите од Западен Балкан''. Во своето излагање наведе дека како асоцијација имаат склучено договори со 6 балкански стопански комори, дека имаат голем број проекти и програми, а како круцијални работи за балканските држави ги наведе дигитализацијата, функционирањето на системот, едукацијата, доедукацијата и преквалификацијата на кадарот и принципот ONE STOP SHOP , кој се користи како термин во ситуации, во кои странката може да ја заврши својата работа пристапувајќи само на едно место, односно пристапувајќи само пред една институција.
Вториот дел од Конференцијата беше посветен на панел дискусија, која ја водеше Главниот и одговорен уредник на австрискиот весник ,,Die Presse', , кој како главни теми ги посочи довербата во нотарите, довербата во правните институции, корупцијата, имиграцијата, дигитализацијата и владеењето на правото. Во оваа панел дискусија беа разменети мислења за улогата на нотарите во функционирањето на правниот систем, за предностите на нотаријатот, базиран на принципите на латинскиот нотаријат, на предизвиците, проблемите и нападите, со кои се справуваат нотаријатите во земјите од Западниот Балкан, со посебен осврт на нотаријатите од Република С. Македонија, Република Србија, Федерацијата на Босна и Херцеговина, Република Српска, Република Црна Гора, Република Албанија и Република Косово.
На оваа панел дискусија активно учество зеде и делегацијата на НКРСМ, преку давање информација за напредокот во електронската поврзаност на нотарите во Република Северна Македонија со Агенцијата за катастар на недвижности, со Централниот регистар, со Управата за водење на матични книги, на кој начин нотарите во Република Северна Македонија имаат значаен придонес во поедноставување на сите процедури, зголемување на правната сигурност и ефикасноста и намалување на ризиците. Беше укажано и на проблемите кои ги донесе новиот Закон за нотаријатот, со кој нотарскиот акт е скоро целосно укинат, предвидено е задолжително учество на адвокати во неспорни постапки (на пример во оставинската постапка), и задолжителен адвокатски печат на сите договори, новини кои ја намалија правната сигурност, ги зголемија трошоците, се усложнија сите процедури и се зголеми ризикот за странките.
На крајот беа разгледани и прашањата како да се зголеми правната сигурност, како да се реши проблемот со владеењето на правото, како да се подобри судскиот систем и како да се заштитат инвестициите. При одговарањето на сите овие прашања сите учесници се сложија дека нотарите се институција, која може преку својата неутралност и сигурност која ја нуди да придонесе во решавањето на овие проблеми, давајќи совети на странките. На крајот сите се сложија дека нотарите е потребно да бидат ONE STOP SHOP, односно место каде странките ќе можат веднаш и со едно доаѓање да ги реализираат нивните интереси преку превземање на соодветни правни работи.
Поради овој факт од огромна важност за странските инвеститори, за сите правни и физички, домашни и странски лица е повторно да се воспостави нотарскиот акт за сите правни работи и договори и дека нотарскиот акт е инструмент со кој се овозможува поголема правна заштита и сигурност, намалување на трошоците, забрзување на процедурите и остварување принципот на ONE STOP SHOP, со кое нешто и заврши оваа конференција.
По завршување на Конференцијата, на покана на Германската Федеративна Нотарска комора делегацијата на Нотарската комора на Република Северна Македонија оствари состанок, на кој беа разгледани моменталните состојби на нотаријатот во Република Северна Македонија, начините и можностите за справување со предизвиците со кои се соочуваат нотарите и беа разгледани можностите за идна соработка помеѓу Германската Федерална Нотарска комора и Нотарската комора на Република Северна Македонија на повеќе полиња. Учеството на делегацијата на Нотарската комора на Република Северна Македонија на оваа конференција беше од особена важност и поради фактот да беа остварени средби со: претседателот на Германската Федерална Нотарска комора, нотар проф.д-р Јенс Борман (Prof. Dr. Jens Bormann), генералниот претставник на Германската Федерална Нотарска комора, г. Ричард Бок (Richard Bock), претставниции од Светската Банка, нотар д-р Ловро Томашиќ (Dr. Lovro Tomasic) и со други нотари од балканските држави.