13-14 ноември 2019 година, Брисел, Белгија
13 ноември 2019г.
Во организација на Советот на нотаријатите на Европска унија (KНУЕ) на 13 ноември, прв ден од одржувањето на редовното Генерално собрание, во зградата на Европскиот парламент се одржа изложбата Енацтед Еуропе.
Во рамките на оваа изложба беа презентирани голем број нотарски акти кои имаат значајна историска вредност и се дел од европското културно наследство. Исто така, беа презентирани и дигитални алатки креирани од нотаријатите со цел да се обезбеди модерна и ефикасна заштита на нивните клиенти и државата.
(Видови на нотарски акти, составувани во различни временски периоди низ историјата)
Церемонијата ја отвори покровителот на самиот настан, европратеничката Ангелика Ниблер, заедно со г.Јенс Борман, Претседател на Федералната германска нотарска комора, Тјери Томас, изложбен куратор и г.Пјер Лук Вогел, претседател на Советот на нотарите на Европска унија (КНУЕ). Во рамките на церемонијата беа поделени награди на Нотарските комори за најиновативни проекти.
Во своето обраќање европратеничката Ангелика Ниблер меѓу другото истакна дека во еден се повеќе дигитално поврзан свет довербата и квалитетот се исклучително значајни карактеристики и дека е убедена дека нотарите ќе го зачуваат својот уникатен статус ако се отворени за новите технологии и спремни да ги применат во своите работни активности.
Претседателот на Советот на нотаријатите на Европската унија (KНУЕ), г.Пјер Лук Вогел нагласи дека целта на изложбата не е само да се истакне културното и историско наследство, туку и да се демонстрира способност, да се погледне во иднината со употреба на модерната технологија и токму затоа за првпат се доделуваат награди за технолошки најразвиените нотаријати.
14 ноември 2019г.
Редовното собрание на Советот на нотаријати на Европската унија (КНУЕ) се одржа следниот ден, на 14 ноември. На ова Собрание учестваше и македонскиот нотаријат, преку присуството на претседателот на Нотарската комора на Република Сeверна Македонија, г.Васил Кузманоски.
По одобрувањето на агендата се усвои записникот од претходното Генерално Собрание одржано на 21 јуни 2019 година. Следуваше извештај од присутните за состојбата на нотаријатот во нивните земји, како и евентуални промени. Во извештајот на Нотарската комора на Република Северна Македонија меѓу другото беше нагласена очекуваната поддршка од КНУЕ во поглед на враќање на нотарскиот акт како нотарска исправа со највисоко правно значење и бришење на одредбите за задолжително учество на адвокат во постапките пред нотар. Од страна на претседателот на Советот на нотаријатите на Европската унија (КНУЕ), г.Пјер-Лук Вогел беше потенцирано дека ваквото решение во македонскиот нотаријат е неприфатливо и ја даде својата безрезервна поддршка за решавање на овој проблем, за кое нешто се во контакт со Владата на Република Северна Македонија и Министерството за правда на Република Северна Македонија. Покрај ова, од претседателот на Нотарската комора на Република Северна Македонија, г.Васил Кузманоски беше дадена информација за започнувањето со примена на позначајните реформи во дигитализација на нотарското работење, односно со електронско водење на нотарските уписници како единствена форма и електронското водење на Регистарот на тестаменти, со што македонскиот нотаријат се приклучи во редот на европските земји кои веќе години наназад го имаат овој битен регистар.
Во рамките на следната точка од дневниот ред, едногласно се избра нов претседател на Советот на нотаријатите на Европската унија (КНУЕ), г.Георгиос Рускас, нотар во Атина и претседател на грчкиот нотаријат, а за потпретседател е избран г.Адам Тот од Унгарија, претседател на унгарскиот нотаријат.
(Претседателот на НКРСМ, г.Васил Кузманоски со новиот претседател на КНУЕ, г.Георгиос Рускас)
Понатаму се дискутираше за активностите и приоритетите за следната календарска година. Генералниот секретар на КНУЕ, г Раул Радои презентираше извештај за буџетските и административните аспекти и се основа фонд за солидарност за нотаријатите кои не можат да ги подмират своите финансиски обврски.
(Претседателот на НКРСМ, г.Васил Кузманоски со генералниот секретар на КНУЕ г.Раул Радои од лево и со претседателот на Српската јавнобележничка комора, г.Србислав Цвејиќ од десно)
На одржаното Собрание се дискутираа и повеќе теми од законодавно-правен и економски каракатер од областа на делокругот на работење на нотарите, при што беше ставен особен аспект на дигитализацијата. Предмет на анализа беше и Е-Јустице кој претставува сервис создаден од страна на Европската Комисија во соработка со нотаријатите со кој на граѓаните на Европската унија им се овозможува лесен и ефикасен пристап до нотарите во Европската унија.
На Собранието беше усвоен документот за подигање на свеста за медијацијата и обуката на нотарите подготвен во соработка на КНУЕ и ГТ-МЕД на ЦЕПЕЈ, со осврт на состанокот на работната група за медијација на КНУЕ на 29 ноември 2019 година. Исто така беше дискутирано за работата на УНЦИТРАЛ работната група и за Законот за претпријатијата со ограничена одговорност и ефектите кој тој ги има врз работата на нотарите.
На крај беа разгледани проектите на КНУЕ кои беа оценети како успешни и беше објавен распоредот на активности за 2020 година.