Со свечена академија во хотел Holiday INN, Скопје на 16 јуни 2018г. Нотарска комора на Република Македонија одбележа 20 години од постоењето на нотаријатот.
Претседателот на Нотарска комора на Република Македонија, г-дин Васил Кузманоски се обрати до присутните и истакна дека со навршувањето на својата 20-годишнина, нотаријатот во Република Македонија може да се опише како еден од најуспешните, најефикасните и најстарите нотаријати во регионот. Импресивно голем број на нотарски исправи и незначителен број на правни спорови кои го одбележаа нотаријатот во овој период се најголемата потврда за ефикасноста и квалитетот на извршената работа на нотаријатот, квалитетот на нотарските акти и нотарските службени дејствија.
Министерката за правда на Република Македонија, д-р Рената Дескоска, која беше дел од свечената академија, во своето обраќање истакна дека во заложбите за реформи кои што ќе постојат, не само во нотаријатот, туку и во целиот правен систем, очекува соработка со Нотарската комора, особено во делот на јакнење на стручниот и професионалниот однос на нотарите и обезбедување на квалитетна и ефикасна нотарска служба.
На свечената академија свое обраќање имаше претседателот на Меѓународната унија на нотарите г-дин Хозе Маркењо де Ллано (José Marqueño de Llano), кој ја истакна соработката помеѓу Нотарската комора на РМ и Меѓународната унија на нотаријатите уште од 2001 година, резултатите на македонскиот нотаријат и високото ниво на спремност и стручност што нотарите од Македонија го стекнале и покажале во своето 20 годишно работење.
Потпретседателот на Германската сојузна нотарска комора и потпретседател на Комисијата за меѓународна соработка, г-дин Ричард Бок (Richard Bock) говореше на тема “Улогата на нотарот во дигиталниот свет„ со посебен акцент на нотаријатот како професија која се прилагодува и е предводник на модерното време, преку користење на дигиталните технологии овозможува брза и ефикасна услуга за граѓаните без да се изгуби најбитната советодавна улога. Надлежностите на нотарот доверени од државата, одговорноста која ја сноси во однос на странките се предуслов кои нотарите го исполнуваат за да уживаат доверба која е неопходно при остварување на конекции со јавните регистри.
Пред аудиториумот се обрати и д-р Ловро Томашиќ, нотар во Германија на тема “Економските и социјалните придобивки од превентивното спроведување на правдата и улогата на нотарот„. Истакна дека всушност, функцијата на нотарот е најдобро опишана како едношалтерски систем. Во релевантните области на правото, нотарот дејствува како високо квалификуван советник на сите страни и нему му се доверени сите три фази на договорот - подготовка, евидентирање, како и спроведување на договорот, вклучувајќи обезбедување на извршување на договорните обврските (плаќање на цена, пренос на сопственоста) и регистрирање на преносот или други промени во релевантните јавни регистри. Со силен нотаријат, државата, особено агенциите на кои им се доверени јавните регистри (катастар на недвижности, трговски регистар), добиваат веродостојни и преструктуирани податоци, како што се договорите и другите документи кои се подготвени и се контролирани од високо специјализиран, компетентен и доверлив државен службеник. Договорите подготвени од нотар се целосни и правно коректни во секој детаљ и, како резултат на тоа, таквите документи имаат многу помали шанси да предизвикаат спорови од приватните документи, како што покажуваат и податоците во Македонија.
Со своето присуство настанот го збогатија високи делегации од Нотарските комори на Хрватска, Босна и Херцеговина, Српска, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, Н.E Амбасадор на Кралството Шпанија, г-дин Емилио Лоренцо Сера, претседателот на Адвокатска комора на РМ, г-дин Љубомир Михајловски, претседател на Комора на извршители, г-дин Зоран Димов, заменик претседател на Врховен суд, претставници од Државно правобранителство, универзитетски професори како други високи гости, претставници на институции од земјава.
За музичкиот дел беше задолжен хорот “Злата Мегленска„ чии звуци не само што ја исполнија просторијата туку и срцата на сите присутни.
По повод јубилејното одбележување претседателот на Нотарската комора на РМ г-дин Васил Кузманоски на најзаслужните кои низ годините активно придонесоа за развојот на нотаријатот и неговата афирмација во земјава и во странство, свечено додели награди и признанија.