НОТАРСКИ ДЕНОВИ, 19-20 ОКТОМВРИ 2019Г., Х. ИЗГРЕВ, СТРУГА

Согласно законската обврска за редовно стручно усовршување и едукација на нотарите, на 19 и 20 октомври 2019 година, во хотел Изгрев, Струга се одржаа редовните есенски Нотарски денови во организација на Нотарската комора на Република Северна Македонија.

2019.10.19 NDHIS 01 

Покрај задолжителното присуство на сите нотари и дел од вработените во нотарски канцеларии, овие Нотарски денови беа збогатени со присуството на државниот секретар во Министерство за правда, г. Фатон Сељами, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, г. Илир Сулејмани и заменик претседателот, судија Наталија Донева, судиите на Основниот граѓански суд Скопје – Ирена Костадинова Ангелова, Љубица Колиќ и Софија Спасова Медарска, судијата на Основен суд Велес, Александар Шопов, професорите на Правниот факултет Јустинијан Први, Скопје – проф. д-р Никола Тупанчески и проф. д-р Ангел Ристов, извршител Владе Милевски, член на Управниот одбор, претседателот на Комората на медијатори, г. Славе Младеновски и медијаторите Милева Младеновска, Билјана Азеска Толеска и Дејан Белевски,  претставникот од Агенцијата за катастар на недвижности, г-ѓа Татјана Ценова Митревска, членот на Комисијата за полагање на нотарски испит – Златко Николовски, нотар во пензија и  надворешните соработници на Комората – судиите во пензија Ранко Максимовски, Фиданчо Стоев и Зулфиќар Сејфулаи, нотар во пензија. 

Нотарските денови ги отвори претседателот на Нотарската комора, г. Васил Кузманоски со упатување поздрав до излагачите и гостите, и по краток осврт кон темите, го промовираше и даде кратка информација за воведувањето и значењето на Регистарот на тестаменти, кој Нотарската комора започна да го води во електронска форма од 1 јули 2019 година. Во неговото обраќање истакна дека законската основа за овој регистар е дадена во Законот за нотаријатот од 2016 година, а содржината, формата и начинот на упис се уредени со Правилникот донесен од Министерот за правда. Нагласи дека со воведувањето на оваа новина, Република Сверна Македонија се приклучи во редот на европските земји кои веќе години наназад го имаат овој битен регистар.

2019.10.19 NDHIS 02

Во неговото обраќање посебно беше нагласено следното:

,,Во споредбеното право постојат законодавства кои го уредуваат Регистарот на тестаментите како систем што овозможува наследниците и надлежните органи да бидат запознаени дали оставителот имал оставено тестамент и каде тој се наоѓа. Тенденцијата за воведување регистар на тестаментите е присутна и во рамките на Европската Унија како дел од процесот на хармонизација на наследното право. Во таа насока, Европската комисија смета дека е потребно да се овозможи регистрирање на тестаментите во сите држави-членки, со цел да се олесни нивното барање и да се избегнат можните злоупотреби, особено во случај кога тестаментите се направени во друга држава. Регистарот на тестаментите е една од позначајните новини кои беа воведени со реформите на наследните права на државите од регионот и која дефинитивно се воведе и во Република Северна Македонија’’.

 

            По обраќањето на претседателот на Нотарската комора, од името на министерот за правда, г-ѓа Рената Дескоска пред присутните со поздравен говор се обрати г. Фатон Сељами, државен секретар во Министерството за правда, која го нагласи значењето и потребата од оргaнизирањето на едукација на нотарите од ваков вид како што се Нотарските денови.

2019.10.19 NDHIS 03

            Со поздравен говор пред присутните се обрати и претседателот на Комората на медијатори на Република Северна Македонија, г. Славе Младеновски.

2019.10.19 NDHIS 04

Нотарските денови продолжија со излагањата од предвидената Програма, при што акцент беше даден на теми во врска со оставинската постапка која нотарите ја вршат како доверена работа од судот, но и други теми кои се од интерес и потреба за нотарското работење.

  • Прва тема: „Отворени прашања и дилеми во врска со нотарските исправи со извршна клаузула, ништовност на нотарски акти и укинување на потврда на извршност“ ja изложи судија Александар Шопов, кој се осврна на утврдување ништовност на нотарска исправа, поништување на нотарска исправа и укинувањето на потврдата на извршност на нотарска исправа.

2019.10.19 NDHIS 05

Со донесувањето на Законот за нотаријатот од 2007 година и Законот за вонпарнична постапка од јануари 2008 година се создаде правен основ и законска можност нотарите, како повереници на судовите, да ја водат и расправаат оставината според правилата на тој закон. Единствена цел на оваа новина беше растоварување на судовите, односно намалување на бројот на предмети кои не се спорни, која денес доследно се применува во пракса. Сублимирано после 10 години постапување, улогата на нотарот во наследното право, во нашиот правен систем се покажа и докажа како доста значајна и се оправда реформата оваа надлежност да се довери на нотарите. Но, и покрај совладаната материја, сепак во секојдневното работење се појавуваат одредени дилеми во постапувањето, кои заслужуваат да бидат обработени и презентирани, посебно ако во тоа се вклучени професори како најдобри познавачи на теоријата и судии како најдобри познавачи на пркасата. За таа цел, се избрани следните две теми:  

 

  • Втора тема: Реформи во наследното право и посебен осврт на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште “, која беше изложена од страна на проф. д-р Ангел Ристов, Правен факултет Јустинијан Први Скопје.

2019.10.19 NDHIS 06

Во неговото излагање се осврна на реформите кои треба да се направат во наследното право следејќи ги европските стандарди, како и на новите овластувања и надлежности кои нотарите треба да ги добијат како резултат на тие реформи. Исто така, од теоретска гледна точка, професорот  посебен осврт даде и на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште.

 

  • Трета тема: ,,Судска практика и проблеми во оставинската постапка со посебен осврт на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште’’, која беше изложена од страна на судија Ирена Костадинова Ангелова, Основен граѓански суд Скопје.

Во нејзиното излагање  од практична гледна точка беше изложена судската практика кога станува збор за наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште, прашања кои не се доволно обработени и застапени во досегашно нотарско постапување.

2019.10.19 NDHIS 07

Вториот ден од Нотарските денови беше посветен на разгледување на прашања и дилеми во нотарското постапување од страна на Стручниот совет на Нотарската комора.

Како и претходните, така и овие Нотарски денови се покажаа како најдобро избран механизам за стручно усовршување и надоградување на нотаријатот во Република Северна Македонија.

2019.10.19 NDHIS 08